Наскоро судење и во Идризово: во затворот изградена најголемата судница во државата

21.05.2020 Новости-М

 Со поддршка на Европската Унија во рамките на ИПА акциската програма “Поддршка на Секторот Правда“, изградена е најголемата судница во државата во склоп на Затворот „Идризово“. Целиот овој дел од затворот се простира на 1000 м2 и има капацитет за вкупно околу 120 лица.

 
Во посета на новата судница во „Идризово“ беа министерката за правда Рената Дескоска, заедно со шефот за соработка во ЕУ Делегацијата Никола Бертолини, јавниот обвинител на Република Северна Македонија г. Љубомир Јовески, претседателот на Кривичниот суд г. Иван Џолев, како и директорот на Управата за извршување на санкциите, г. Јовица Стојановиќ. 
 
Имајќи ја во предвид сериозноста на тешките кривични дела и безбедносните причини, оваа судница со капацитет од околу 120 лица, ќе овозможи судењата на притворените лица за овие случаи да се одвиваат во казнено поправниот дом „Идризово“. 
 
Целта за изградбата на овој комплекс со судница во затворот „Идризово“ е во неа да им се суди на притворени, како и на осудени лица  за тешки кривични дела против кои се водат и други кривични постапки, а чиј транспорт до судовите е безбедносно ризичен. 
 
Со тоа, значително ќе се намали ризикот од бегства на притворени и осудени лица за време на транспорт до судовите. Дополнително, со користењето на оваа судница, ќе бидат заштедени значителни средства за транспорт на притворени и осудени лица во судовите, а воедно ќе се растерети и затворската служба и полицијата која учествува во спроводите на овие лица. 
 
Причината за лоцирањето на оваа судница во Затворот „Идризово“ е затоа што во него во моментов се сместени околу 60% од вкупниот број осудени лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор, а во овој затвор ќе биде изграден и најголемиот притворски центар во државата, со што 80% од вкупно притворените лица ќе бидат сместени во овој затвор.
 
Оваа судница е изградена по теркот на судниците во државите со големо искуство во справувањето со организираниот криминал. 
 
Судницата е само еден сегмент од целокупниот комплекс за оваа намена кој содржи ќелии за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоци со можност за изобличување на слика и тон, систем за видео конференција, кабина за преведувачи, како и соодветен безбедносен и мониторинг систем. Овој комплекс располага со посебни влезови за осудени лица, за службени лица, за јавноста која ќе присуствува на овие судења и посебен дел за новинарите. 
 
Проектот е финансиран во рамки на ИПА Акциската програма “Поддршка на Секторот Правда“, а договорот за изградба на судницата во затворот „Идризово“ е во вредност од еден милион, двесте педесет и седум илјади евра. Наскоро се очекува и опремување на судницата со мебел по што ќе следи и нејзиното официјално отворање и пуштање во употреба.
 
Министерството за правда во име на граѓаните на Република Северна Македонија изразува благодарност за силната поддршка на Европската Унија во процесот на обезбедување целосна независност на судството, зголемувањето на ефикасноста на правосудните органи и заштитата на правата и слободите на граѓаните.
Автор
Министерство за правда
+389 (0)2 3116 - 493, +389 (0)2 3116 - 648
E-mail: cabinet@mjustice.gov.mk, publicrelation@mjustice.gov.mk
Скопје
Архива на новости