Неказнивоста е огнот кој пламти - пратениците имаат можност да го изгаснат

27.08.2019 Новости-М

 Со мнозинство од присутните пратеници, Собранието денеска одлучи да се носи по скратена постапка Предлог-законот за јавно обвинителство.

Во денешното обраќање пред пратениците во законодавниот дом, министерката Дескоска истакна дека носењето на Законот за Јавното обвинителство претставува врвна претпоставка за отворање на преговорите на нашата држава со Европската Унија.

 Обраќањето го пренесуваме интегрално:

 “Еден од предизвиците во којшто се наоѓаме, веќе пет-шест години, е обезбедување на ефикасна правда. Обидот со СЈО да се направи, на некој начин ефикасен механизам, видовме дека даде плод, но исто така имаше и негативни реперкусии и резултати со коишто за жал се соочуваме.

 Мораме да бидеме свесни дека во ситуацијата во која се наоѓаме постои пожар, како што за жал постоеше вчера во велешко, каде што видовме како нашите храбри пожарникари и граѓани со здружени сили успеаја да го изгаснат тој пожар.

 Се надевам дека сите вие ќе смогнете сили да стиснете зелено копче за да го изгаснете пожарот во којшто се наоѓаме веќе повеќе години, а тоа ќе значи продолжување на постапките на СЈО во коишто гледаме дека имаме индиции и обвиненија за сериозен криминал направен од претходната власт.

 Но исто така, гледаме дека имаме ситуација во којашто е отворен сериозен случај, а тоа е случајот „Рекет“ за којшто исто така сметаме дека треба да има сериозна постапка којашто ќе доведе до завршување на правосудните постапки. Сметаме дека треба да има ефикасна правда за сите, без оглед на која политичка гарнитура припаѓаат, без оглед дали се политичари, или не.

 Посебен фокус на овој закон којшто го предлагаме е гонење на криминал и корупција од високите политичари, односно она што го нарекуваме криминал на белите јаки.

 Сметаме дека тука ни се потребни ефикасни механизми и сметам дека сите политички партии и пратеници коишто денеска се во Собранието, ќе можат да покажат дали се навистина за евроинтеграциските процеси, дали ја поддржуваат евроинтеграцијата на нашата земја вистински или само декларативно, токму преку гласањето на овој закон. Пред вас, кога ќе одлучувате дали ќе го притиснете зеленото или црвеното копче, треба да ја имате иднината на нашите граѓани. Сметам дека не треба да имате дилема дека иднината на нашите граѓани е токму во Европската Унија. Таа иднина во голема мера зависи од поддршката на овој закон, којшто треба да обезбеди механизми за гонење на криминалот без оглед на партиска боја, без оглед на партиска припадност, без оглед на етничка припадност, без оглед на било какви предрасуди“.

 Министерката Дескоска ги повика пратениците да го поддржат овој закон со цел да се испрати пораката дека никој не е, ниту смее да биде над законот.

 Во изјава за медиумите, министерката Дескоска изјави дека голем дел од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ дадени во изминатиот период се интегрирани во законскиот текст, но дека гледаме ретерирање од одредени решенија коишто беа ставени на нивно барање.

 Клучната разлика, според министерката Дескоска, останува да биде ефикасното завршување на судските постапки, започнати од страна на Специјалното јавно обвинителство.

 “За жал преовладува мислењето и впечатокот дека на ВМРО-ДПМНЕ поважно им е да ги спасат оние коишто се обвинети во постапките на СЈО, отколку да овозможат ефикасно водење на судските постапки, а со тоа и обезбедување на отворање на преговори за пристап кон Европската Унија. Се надевам дека во наредниот период кога ќе бидат доставени нивните амандмани ќе можеме да седнеме јавноста да види,  да седнеме да разговараме околу амандмански текстови, и се надевам дека осумдесет пратеници ќе смогнат сила да поддржат закон којшто се носи заради обезбедување ефикасна правда, но и којшто ќе значи отворање на вратата на Европската Унија“ изјави Дескоска.

 Во случај законот да не биде донесен, ќе се оди на други варијанти, како преземање на случаите од друго обвинителство и обезбедување на в.д Шеф на СЈО.

 “Може и преку измени на Законот за Советот за јавни обвинители којшто дава определни можности да се надминат определени блокади. Во случај на недонесување на овој закон, за надминување на блокадите ќе се оди на варијанта на измени на Законот за Советот за јавните обвинители, кој се носи со обично мнозинство. Повикувам сите да се преиспитаат и да водат сметка за глобалните интереси, а не за тесните, лични интереси на обвинетите во постапките од страна на СЈО, и оние коишто се под истрага, коишто за жал некогаш ни ги праќаат и како преговарачи од ВМРО-ДПМНЕ“, потенцираше Дескоска.

 Според Дескоска, барањето оставка од ВМРО-ДПМНЕ, и претставува најголем комплимент: ВМРО-ДПМНЕ да бара оставка од некој, тоа е најголем комплимент. Се загрижив во моментот кога се најавуваше реконструкцијата, кога Антонио Милошоски излегувајќи од преговорите ми посака да не ме реконструираат, што навистина беше загрижувачка неговата изјава, така што, да ми посака оставка или разрешување, тоа значи дека моето работење не одговара на теснопартиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ.

  

Со почит,

 

Министерство за правда

Автор
Министерство за правда
+389 (0)2 3116 - 493, +389 (0)2 3116 - 648
E-mail: cabinet@mjustice.gov.mk, publicrelation@mjustice.gov.mk
Скопје
<септември 2019>
повтсрчепесане
26
27
28
29
30
31
1
2
3
4
5
6
7
8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
1
2
3
4
5
6
Архива на новости