Се додека приоритет е амнестијата, не може да има напредок во преговорите

10.05.2019 Новости-М

Почитувани,

 

Без напредок заврши последната средба за разговорите околу судбината на предметите на СЈО, покренати после 30 јуни 2017 година. Барањето на ВМРО-ДПМНЕ да запрат сите постапки поведени против нивните високи партиски функционери е неприфатливо за Министерството за правда. Не може да биде прифатено барањето за амнестија преку законски одредби, односно барање за прекин на истрагите, уништување на докази и прекин на сите мерки за обезбедување, како на пример, одмрзнување на замрзнатиот имот, враќање на одземени пасошите, прекин на мерките за претпазливост, итн.

 

Што се однесува до шпекулациите за смена на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, министерката за правда Рената Дескоска потенцираше дека денеска воопшто не се разговарало за смена на Специјалниот јавен обвинител, ниту пак за други кадровски решенија – прашање за кое според неа, одлучува Советот на Јавни обвинители, а не политиката.

 

Во однос на барањето Законот за Јавното обвинителство да биде испратен до Венецијанската комисија, секому е јасно дека до затворањето на Извештајот на Европската Комисија нема време за добивање мислење од Венецијанската комисија – ваквото барање во моментот би било само во функција на купување време за законот да не биде донесен. Министерката Дескоска истакна спремност, денот кога законот ќе биде донесен во Собранието да биде испратен во Венецијанската комисија со обврска било каков коментар, забелешка или укажување од Венецијанска комисија да биде веднаш имплементиран од страна на политичките партии.

По завршувањето на средбата, министерката Дескоска даде изјава за медиумите која ја пренесуваме во целост
:

 

“Заврши денешната средба на која реално немавме напредок. Клучното прашање за коешто разговараме беше членот 105 [од Законот за Јавното обвинителство]. ВМРО-ДПМНЕ остана на нивното барање сите постапки после првите 18 месеци да бидат запрени. Тоа значи сите докази коишто се обезбедени да пропаднат во вода, односно да не бидат веќе употребливи, сите мерки коишто се преземени да престанат, a тоа значи поконкретно, ако им е замрзнат имотот, тој да биде одмрзнат, ако се изречени мерки за претпазливост како одземени пасоши или јавување во суд – сето тоа да престане, и евентуално тие постапки потоа ќе бидат спорни ако ги отвора повторно обвинителство се јавува проблемот дали ќе има право да ги отвора или не. Таквиот став е неприфатлив бидејќи тоа во суштина е амнестија за сторени кривични дела.

 

Разговаравме за испраќање на законот во Венецијанската комисија. Со оглед на тоа што роковите коишто се наметнуваат за донесување на законот да биде донесен што е можно поскоро, ја изразив својата подготвеност по донесување на законот веднаш да го испратиме на Венецијанската комисија. Сите знаете дека пред септември или октомври нема да добиеме мислење заради роковите. Не треба да се користи Венецијанска комисија како причина или повод за одолговлекување на носење на законот, така што доколку има волја и желба за носење на законот, ние сме спремни да се донесе законот и веднаш уште истиот ден да биде испратен до Венецијанската комисија, со обврска било каков коментар, забелешка или укажување од Венецијанска комисија да биде веднаш имплементиран од страна на политичките партии“.

 

Милошоски спомена дека сте покажале некакви сигнали за смена на Катица Јанева, дека не инсистирате повеќе на фиксни решенија во СЈО, до кога Катица Јанева ќе биде..?

“Денеска не разговаравме воопшто ниту за конкретни обвинители, ниту за кадровски решенија. Тоа е прашање коешто не се разговара во рамки на работна група за законот, заради тоа што согласно законот, Советот на Јавните обвинители избира јавни обвинители вклучувајќи го и специјалниот јавен обвинител, така што прашањето за Катица Јанева или за некој друг конкретен обвинител не беше отворено на оваа средба“.

 

Што доколку тие не попуштат, дали сте подготвени да обезбедите двотретиснко мнозинство од останатите пратеници?

 

“Видовте дека имавме средби и со другите пратеници. Првичната цел и укажувањето коешто го имаме е да се обидеме да направиме консензус заедно со опозицијата, така што ќе се обидуваме на тој пат, но доколку роковите станат критични, а немаме напредок во разговорите или останат на сопственото инсистирање, тогаш ќе размислуваме за алтернативни опции“.


 

Со почит,

Министерство за правда

 

Автор
Министерство за правда
+389 (0)2 3116 - 493, +389 (0)2 3116 - 648
E-mail: cabinet@mjustice.gov.mk, publicrelation@mjustice.gov.mk
Скопје
Архива на новости