Реформите во правосудството во вистинска насока: Уште едно позитивно мислење од Венецијанската комисија

15.03.2019 Новости-М
Во позитивна атмосфера и со пофални зборови беше усвоено мислењето за Законот за Судски совет на денешната пленарна сесија на Венецијанската комисија на која учествуваше министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска.  
 
Венецијанската комисија го образложи своето мислење за предложениот Закон за Судскиот совет, кој го смета за високо квалитетно законодавство, односно дека со законот е постигнато високо ниво на усогласување со други закони. 
 
Венецијанската комисија повторно имаше позитивна оценка за реформите во правосудството и усогласувањето на домашното законодавство со меѓународните стандарди. 
 
Истакната беше добрата соработка на министерката Дескоска со Венецијанската комисија, како и подготвеноста на Владата на Република Северна Македонија брзо да ги имплементира препораките на Венецијанската комисија.
 
Венецијанската комисија со задоволство истакна дека се испочитувани значителен број препораки кои беа испратени до Министерството за правда.  
 
Севкупната оценка овозможува да се заклучи дека одредбите од нацрт-законот се најчесто во согласност со меѓународните стандарди и, ако се толкуваат и спроведуваат во добра верба, можат да обезбедат независност и ефикасност на судството. Комисијата имаше и пофални зборови и за јасноста на правната рамка.   
 
Позитивно се оценети новите критериуми за избор на членови на Судскиот совет. 
 
Покрај другите позитивни измени на Законот за Судски совет, во извештајот на Венецијанската комисија се препорачува и психолошките тестови повеќе да не се користат при изборот на членовите на Судскиот совет со што се намалува можноста за политички влијанија при изборот на членовите на Советот. 
 
Околу изборот за претседател на Судски совет, Венецијанската комисија препорачува тој да се избира со двотретинско мнозинство од редот на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието. 
 
Ова е трето последователно мислење на Венецијанската комисија кое е позитивно оценето. Мислењето од октомври 2018 година, кое се однесуваше за Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет и Законот за судови се фокусираше на основите за дисциплинска одговорност на судиите, дисциплинските постапки и органи, како и на системот за оценка на работата на судиите. Оценката на Венецијанската комисија беше севкупно позитивна. Мислењето ги пофали нацрт-законите и беше истакнато дека двата закони претставуваат цврсти темели за функционирање на судството и предложи некои амандмани со цел да се подобри јасноста на текстовите. Во декември 2018 година, Венецијанската комисија усвои уште едно позитивно мислење за нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите. Предлог-законот беше поздравен од Комисијата, поради исполнетоста на повеќето претходни препораки од мислењата од  2015 и октомври 2018 година.  
 
Министерката Дескоска изрази благодарност, но и подготвеност од страна на Владата за имплементација на сите препораки на Венецијанската комисија за подобрување на законските текстови. 
 
 
 
Со почит,
 
 
 
Министерство за правда
 
 

Автор
Министерство за правда
+389 (0)2 3116 - 493, +389 (0)2 3116 - 648
E-mail: cabinet@mjustice.gov.mk, publicrelation@mjustice.gov.mk
Архива на новости