Без ефикасни инструменти за борба против корупцијата нема европска иднина

05.03.2019 Новости-М

 Почитувани,

 Во прилог Ви ги пренесуваме одговорите на министерката Дескоска на денешните прашања од медиумите.

 На прашањето за статусот на Законот за јавното обвинителство во кој треба да биде одредена судбината на СЈО, министерката Дескоска одговори дека во моментот законот нема поддршка од 80 пратеници во Собранието.

 -          Во Министерството за правда беше изработен текст во консултација со странски експерти од кои добивме потврда дека станува збор за решение кое ќе овозможи квалитетен систем на Јавно обвинителство во коешто СЈО ќе има своја улога во гонењето на високата корупција и секако продолжување на сите предмети коишто се почнати од СЈО без оглед дали се во фаза на обвинение, дали се во истрага или предистрага. Текстот од Министерството за правда ги содржи овие одредби. Испратен е на пратениците коишто треба да обезбедат двотретинско мнозинство и се уште немаме потврда дека имаме согласност за овој закон да биде пуштен во собраниска процедура.

Следното прашање упатено кон министерката Дескоска беше околу ставот на коалициониот партнер.

-          Очекувам да ги добијам ставовите. Во моментот имаме потврда дека немаме согласност, значи не сме добиле потврда дека се согласуваат осумдесет пратеници со овој закон.

Натаму, медиумите побараа одредени детали од Предлог - законот за Јавното обвинителство.

 -          Станува збор за еден закон во којшто е регулирано Јавното обвинителство и во тие рамки е регулирано СЈО, кое е разграничено од другите обвинителства и особено од Обвинителството за организиран криминал со тоа што ја фокусиравме неговата надлежност на гонење на висока коруција. Значи, не сите дела коишто би ги вршеле високи функционири, туку само оние коишто се поврзани со корупција и дела коишто се поврзани со нив. На пример, попречување на правда, влијание на сведоци – во врска со тие случаи. Тоа беше една од препораките којашто ја добивме од меѓународните експерти дека е добро да го “врземе“ само за висока корупција со цел да не се разводнува работата. Натаму, продолжување на надлежноста на СЈО за се што е почнато, сите предмети кои ги работеле во сите фази, со цел да немаме никаква одредба којашто би значела затскривање или амнестирање со закон на било каков криминал. Од аспект на поставеноста, СЈО си е посебен орган во рамките на Јавното обвинителство, како и другите, со тоа што има и одредени гаранции коишто треба да му овозможат да има ефикасни механизми во борбата против корупцијата, бидејќи тоа би требало да биде највисоката корупција којашто тие ќе ја гонат. Го вклопуваме на системот со задржување одредени гаранции коишто треба да му овозможат целосна независност во вршење на својата функција.

Следеше прашањето околу мандатот на СЈО.

 -          Во консултацијата со експертите, нашиот предлог беше дека треба да размислуваме за мандат од една, максимум две години – таа беше препораката којашто ја добивме со цел да се овозможи континуитет. Препораката беше дека во рамките на самото  обвинителство, треба да овозможиме систем во којшто нема целото обвинителство во ист момент да биде сменето. Предложија ротирање на периодот во кој ќе се менуваат јавните обвинители. Да речеме една третина од обвинителите да се смени во еден период, потоа втората и на крај третата. На некој начин да се овозможи континуитет. И тоа е предвидено во преодните одреби во законот на правда, значи во тие две години ќе има постапно менување на обвинителите со цел новите што ќе дојдат да можат да преземат и да ги продолжат случаите коишто се почнати и она што е дадено како „know-how во самото обвинителство.

На прашањето за тоа дали постои “План Б“ во случај да нема поддршка од осумдесет пратеници, министерката Дескоска одговори:

 -          Ние се обидуваме со законскиот текст да видиме кој ќе биде инпутот од политичките партии, односно пратениците коишто треба да го дадат тоа двотретинско мнозинство, да ги видиме нивните предлози и размислувања и потоа ќе гледаме дали може да се направи обединување околу законски предлог којшто ќе содржи решенија и ќе биде поддржан од осумдесет пратеници или ќе размислуваме за друга опција. Само сакам да ја пренесам пораката дека практично тоа што го добиваме како препорака од меѓународната заедница, особено од ЕУ, е дека носењето на Законот за Јавното обвинителство ќе биде еден од клучните елементи коишто ќе бидат пресудни во носењето на одлуката за отворање на преговорите. Мислам дека сите политички партии коишто се залагаат за отворање на преговори во Република Северна Македонија треба да го имаат тоа на ум и да бидат свесни дека на крај се што направивме може да биде залудно ако не ја дадат својата поддршка за Законот за Јавното обвинителство.

 Дали ќе го усогласувате законот додека не почне да им се допаѓа на пратениците?

 -          Постојат јасни насоки кои сме ги разговарале со ЕУ за тоа што е тоа што мораме да го обезбедиме во законскиот текст. Секако ние тргнуваме од законски текст кој би бил идеален. Но, од црвените линии под она што значи европски стандард во регулирањето ние не смееме да паднеме, затоа што носењето на законот нема да биде позитивно оценет. Закон кој нема да добие преодна оценка во ЕУ, воопшто нема да го пуштиме во Собрание.

 
Со почит,

Министерство за правда

Автор
Министерство за правда
+389 (0)2 3116 - 493, +389 (0)2 3116 - 648
E-mail: cabinet@mjustice.gov.mk, publicrelation@mjustice.gov.mk
Скопје
Архива на новости