Брифинг во Владата за Планот 18: Ги спроведуваме реформите за граѓаните да добијат професионални институции, владеење на правото, законот да важи еднакво за сите и да се обезбеди силен мониторинг над извршната власт

07.11.2018 Новости-М

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со Заменикот претседател задолжен за европски прашања Бујар Османи, со Заменик претседателот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, со министерката за правда Рената Дескоска и со министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, денеска одржаа брифинг за новинарите за Планот 18.

На брифингот премиерот Заев во своето воведно обраќање го елаборираше политичкиот контекст за реализација на мерките од итните реформи од овој пакет и нагласи дека двотретинското мнозинство во Собранието за отворање на Уставот е израз на зрелоста на политичките претставници на граѓаните, со искрена надеж и уверување дека процесот ќе се заврши успешно, навремено и со најширока можна политичка и граѓанска поддршка.

Во таа насока премиерот Заев додаде дека спроведување на клучните домашни реформи како предуслов за продолжување на процесот на пристапни преговори и за официјален почеток на преговорите со ЕУ во јуни следната година, и дека процесите од Планот 18 обезбедуваат функционален институционален и правен систем, држава по европски правила, обезбедуваат членство во НАТО и ЕУ, и создаваат услови за економски просперитет.

Мерките од Планот 18 се во согласност со усвоените заклучоци од Советот на ЕУ од jуни оваа година, потврдени и од Европскиот совет, и од нив се очекува испорачување одржливи резултати во областа правосудството, кај безбедносните и разузнавачките служби, во реформата на јавната администрација, како и во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

„Сакаме и за овој пакет реформи да имаме отворен дијалог со опозицијата низ работни групи во парламентот. Дијалог за да добиеме што е можно подобри решенија, дијалог кој само по себе потоа ќе гарантира и посериозна и потемелна имплементација на новите законски решенија, нешто што веќе го постигнавме и го работевме пред министерскиот совет на ЕУ кој се одржа во јуни, и тоа не само за двотретинските закони од пакетот реформи, од Планот 18. За мене е многу овој процес да биде под будното око на медиумите зашто само така ќе биде и под будното око на јавноста. Европската Унија исто така не следи заради другиот, паралелен процес, на подготовка на институциите и законските реформи согласно препораките за да ги отвориме првите поглавја во јуни идната година. Но, секако ова го правиме најмногу за граѓаните, за да добијат професионални институции, владеење на правото, законот да важи еднакво за сите и да се обезбеди силен и независен мониторинг на извршната власт каде што се трошат јавните пари“, потенцираше премиерот Заев на брифингот за новинарите за итните реформи од Планот 18.

Заменик претседател задолжен за европски прашања Бујар Османи во своето обраќање потенцираше дека освен препораките на ЕК во утврдувањето на мерките и законските решенија од пакетот План 18 се земени и препораките од ОБСЕ, ГРЕКО Венецијанската Комисија и од други експертски меѓународни институции.

Османи нагласи дека, како и за Планот 369 и за овие реформи прецизно определена временска рамка, а целиот процес треба да се заокружи пред јуни идната година по што очекуваме ЕК да го одобри стартот на преговорите.
 
„Ние во СЕП сме задолжени да ги прибираме податоците и да известуваме за напредокот на спроведувањето на реформските мерки. Треба да ги следиме индикаторите и роковите на неделно ниво и на секоја седница на Влада на РМ ќе ги презентираме остварувањата на реформскиот процес. Еднаш месечно треба да го информираме Собранието, односно Комисијата за европски интеграции, а на секои два месеци ќе ги презентираме резултатите пред Делегацијата на ЕУ во Скопје, како земјите членки“, брифираше Османи.

Во делот на реформските мерки од Планот 18 што во надлежност на МВР, министерот Спасовски се задржа на реформите на Управата за безбедност и контраразузнавање и го издвои доследното спроведување на целиот пакет мерки кој се однесува на целосна операционализација на Оперативно техничката агенција (ОТА).

„Реформите за безбедност и контраразузнавање не оставаат простор за злоупотреба. Со оваа реформа, надворешните механизми за контрола врз безбедносните служби се зајакнати, додека ПИМ мерките нема да бидат на располагање на МВР и УБК, освен доколку тоа не е во законска и пропишана постапка која има свој пишан траг“, нагласи Спасовски. 

Министерката за правда Рената Дескоска детално информираше за пакетот реформи во правосудството кои ги опфаќаат измените и дополнувања на Законот за судови во делот на Избор на судии и јавни обвинители согласно начелото на заслуги, и според препораките на Венецијанската Комисија, потоа усвојувањето на измени на Закон за управување со движењето на предметите во судовите, како и на редефинирањето на оснoвите за разрешување и дисциплинско казнување на судиите согласно препораките на Венецијанската комисија.

Посебен акцент Дескоска стави на новиот предлог закон за спречување корупција и судир на интереси.

„Новиот предлог закон за спречување корупција и судир на интереси помина на седница на Владата на РМ и очекувам дека и Собранието брзо ќе го прифати за да имаме функционална Државна комисија за спречување на корупцијата. Првата верзија беше ставена на увид на јавноста во текот на август, и за нецели два месеци успеавме да го профилираме текстот на законот со препораките од јавните дебати. Предлогот ги исполнува препораките на Прибе во делот на борбата против корупцијата, потоа препораките од Извештаите на Европската Комисија и на ГРЕКО. Ставот на сите што учествуваа во оценката на предлог законот за спречување корупција и судир на интереси е дека имале солидни инструменти за борба против корупцијата“, рече министерката за правда Рената Дескоска.

Четвртиот кластер реформски мерки од Планот 18 ги опфаќа системските измени во јавната администрација. Министерот Манчевски фокусот на своето излагање го стави на деполитизација на јавната администрација - почитување на принципот на заслуги (мерит систем) и прекинување на праксата на времени вработувања, на изработка на концептот за воведување на категоријата високи државни службеници (ВРС), како и процесот на реорганизација/оптимизација на органите на државна управа, агенции и инспекциски служби на централно ниво.

„Целта е онаму каде што анализата ќе покаже дека одредени институции треба да бидат укинати, тие ќе се укинат. Институции кои можат да се спојат со други институции, ќе се спојат. Во некои случаи може да се покаже дека некои институции недостасуваат, и тие ќе се формираат, иако тоа ќе гледаме да биде само како крајна неопходност. Но, во најголем дел ова ќе значи оптимизација на јавниот сектор, особено во делот на менаџерските структури. Во делот на деполитизација на јавната администрација, клучната мерка е новиот Закон за висока раководна служба, бидејќи анализата потврдија дека партизацијата на администрацијата се генерираше од раководните луѓе во секторите. Новите мерки од овој закон ќе дефинираат кои се позиции за партиски именувања на функции, а кои се позиции на кои ќе се вработуваат професионалци на јавно објавен оглас со прецизно утврдени вредносни критериуми за извршување раководни позиции во јавната администрација. Во завршна фаза сме и со One stop shop или една точка за услуги, реформата која го олеснува пристапот на граѓаните до услугите кои треба да им ги пружи јавната администрација, воедно од почетокот на идната година очекуваме да отпочне со работа и е-порталот за услуги“, истакна министерот за информатичко општество и администрација Манчевски за брифингот со новинарите за Планот 18 во Владата на РМ, на кој учествуваше и премиерот Зоран Заев.

Автор
Министерство за правда
+389 (0)2 3116 - 493, +389 (0)2 3116 - 648
E-mail: cabinet@mjustice.gov.mk, publicrelation@mjustice.gov.mk
Skopje
<ноември 2018>
повтсрчепесане
29
30
31
1
2
3
4
5
6
7
8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
1
2
3
4
5
6
7
8
9
Архива на новости