Споделување искуства во однос на дерадикализацијата, постапувањето и ресоцијализацијата на осудени лица во Западен Балкан беше темата на денешната регионална конференција финансирана од Советот на Европа и Европската Унија на која се обрати министерката за правда Рената Дескоска.
Министерката Дескоска истакна дека прашањето на насилниот екстремизам е феномен со кој се соочуваат многу земји и дека насилниот екстремизам не секогаш почнува на военото поле или жариште, туку и во соседството, домовите, училниците, на работното место, а понекогаш и во верските објекти.
Причините за појавата на ваков тип екстремизам на Балканот, министерката за правда ги гледа во повеќе општествени фактори: “Ксенофобијата, лошиот животен стандард и немањето пристап до образование, ја зголемуваат можноста за развој на насилен екстремизам и тероризам и на Западниот Балкан, со што, пак, се зголемуваат заканите и ризиците по животот и безбедноста на граѓаните“. Овие општествени фактори исто така придонесуваат Балканот да не е имун и на појавата на феноменот - ,,странски терористички борци“.
Според министерката за правда, Рената Дескоска “овие транснационални и трансрегионални закани стануваат колективна одговорност на земјите од регионот, а сузбивањето на овие закани по мирот и безбедноста во голема мера зависат од превентивните мерки што секоја држава ќе ги презема самостојно, но и во соработка со соседите и меѓународните институции и организации“.
„Со формирањето на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, и изработката на новите стратешки документи (2018-2022), Владата на Република Македонија презеде чекори за подобрувањето на колективната сигурност и одбрана“, истакна министерката Дескоска.
На феноменот на радикализацијата во светски рамки не се имуни ниту казнено-поправните установи, што е случај и во Република Македонија. Кај нас, појавата на проблемот може да се лоцира кај затворениците од популацијата на млади мажи, на возраст од 18-24 години.
Министерката Дескоска се осврна и на активностите што ги презема Управата за извршување на санкциите, како орган во состав на Министерството за правда, а кои се во насока на превенирање на радикализацијата во казнено-поправните установи во државата.
Дел од активностите што се преземаат се: зајакнувањето на капацитетите на вработените за рано препознавање на насилен екстремизам, продлабочување на соработката меѓу институциите во оваа област, подобрување на инструментот за проценка на ризиците и потребите на осудените лица и условите во КПУ и ВПУ, користење на постојните капацитети на верските заедници за дерадикализација на осудени лица, посебни програми за третман кај кои се присутни елементи на радикализација, како и развивање на различни образовни програми и стручно оспособување на осудените.
Со почит,
Министерство за правда